Сиљановска-Давкова-Вал: Измените на Изборниот законик поскоро во Собрание
Соговорниците се согласиле дека е добро, час поскоро, измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија да се најдат на дневен ред на Собранието.
До јуни 2025 година, Северна Македонија треба да го измени Изборниот законик онака како што препорачаа набљудувачите на ОДИХР по ланските парламентарни и претседателски избори. Доколку ја исполни оваа обврска државата ќе добие околу 4,3 милиони евра од Европската Унија.
Обврската за изменет Изборен законик е дел од реформската агенда за земјава во рамки на Планот за раст на Западен Балкан која беше усвоена од Европската комисија, а во која се нагласува дека всушност Северна Македонија треба да донесе сосема нов закон.
Меѓудругото претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го информирала амбасадорот за новоформираните тела: Советот за безбедност, Советот за млади, Комисијата за помилување и Комисијата за доделување одликувања и признанија. Објаснила дека при номинацијата, најпрво се водела од компетентноста, стручноста и интегритетот, без да ги запостави правичната и соодветна застапеност, како и половата и родовата димензија.
„Сиљановска-Давкова му ја презентираше нивната досегашна успешна работа и можноста за взаемна соработка за прашања во кои веќе сме соработувале, но и во нови области“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.