Република Српска да се откаже од „законот за странски агенти“, повика германскиот амбасадор
Законот беше повлечен од собраниска процедура во мај минатата година, по големиот притисок од домашната јавност, но и од странство. Сепак, најавено е дека повторно ќе се најде пред пратениците следната недела.
„Предложениот закон за регистрација на невладини организации, кој е реконструиран од Владата на Република Српска, како што претходно заклучи Делегацијата на ЕУ, ќе претставува сериозно назадување на патот на пристапот на Босна и Херцеговина во Европската унија“, рече амбасадорот во денешната (12 февруари) изјава.
Амбасадорот Фитшен наведува дека „ограничувањата што се планира да се воведат за граѓанското општество во Република Српска се спротивни на основните права и демократските вредности како што се гарантирани во Европската унија“.
„Отворениот и слободен простор на граѓанското општество е од суштинско значење за демократскиот напредок и ЕУ перспективата на оваа земја. Затоа ги повикувам Владата на Република Српска и Народното собрание на Република Српска да престанат да го следат овој план“, напиша германскиот амбасадор.
Предлог-законот за посебен регистар и транспарентност на работата на непрофитните организации, кој во јавноста е познат и како закон за странски агенти, треба да се најде во процедура на следната седница на Народното собрание на Република Српска.
Владата на Република Српска на седницата на 6 февруари го одобри Предлог-законот.
Според најавите, во рок од шест месеци од донесувањето на законот треба да се формира регистар на непрофитни организации основани во Република Српска кои даваат финансиска помош на странски субјекти.
Усвојувањето на овој закон на крајот на јануари го најави Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска.
Ден по неговото обраќање, предлог-законот беше објавен на веб-страницата на Владата на Република Србија.
Тој потоа посочи „дека ќе се утврди статусот на странски агенти за сите оние кои добиваат пари од странски влади за да ја поткопаат РС“.
Законот, меѓу другото, предвидува надзор над невладините организации финансирани од странство, забрана за широко дефинирани политички активности, потреба од дополнителна регистрација и известување до Министерството за прием на финансиски средства од странство.
Во случај на прекршување на законот, надлежното министерство може да му предложи на судот забрана за работа.