Косово одбележува 17 години независност
Владата на земјата одржа церемонијален состанок на кој косовскиот премиер Албин Курти изрази благодарност и им оддаде почит на „сите оние кои се жртвуваа и беа жртвувани“ за слободата.
„Слободата за која толку многу се жртвувавме бара демократија, која овозможува гласот на народот да се слушне и да се заштитат правата на граѓаните“, рече Курти.
Според него, Република Косово „денес е посилна и повитална од кога било досега – не само затоа што инвестиравме во безбедноста и одбраната, туку затоа што ги зајакнавме демократските институции и го нормализиравме нивното функционирање“.
Косовската претседателка Вјоса Османи рече дека на овој ден се одбележува на „вековната жртва на народот“ за слобода и независност.
„Ќе одиме напред, бидејќи ништо не може да ја спречи нашата слободна, независна, суверена и вечна Република“, рече Османи.
Во текот на денот се очекуваат низа настани, од свечена седница на Владата до парада на Косовските безбедносни сили.
Косово неодамна излезе од изборниот процес и го чека формирањето на нови институции.
Победник на изборите одржани на 9 февруари беше Движењето Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти, но тоа не го обезбеди потребното мнозинство од 61 пратеник за формирање независна влада.