Папата Франциск ја поминал ноќта мирно по респираторната криза
Папата беше примен во римската болница Гемели на 14-ти февруари, по неколкудневни тешкотии со дишењето, а потоа му беше дијагностицирано воспаление на двете белодробни крила.
Ватикан во саботата (22 февруари) за прв пат ја опиша неговата состојба како критична, велејќи дека на 88-годишниот папа му била потребна дополнителна терапија со кислород и трансфузија на крв тој ден поради „продолжена респираторна криза слична на астма“.
„Ноќта помина мирно, папата се одмори“, соопшти Ватикан во кусото соопштение утрото на 23 февруари, без да даде дополнителни информации.
Надбискупот Рино Физикела, висок претставник на Ватикан, им порача на собраните на мисата во базиликата Свети Петар дека нивните молитви за папата треба да бидат „уште посилни и поинтензивни“.
Римската епархија, која ја предводи Папата, најави посебна миса за недела навечер за да се моли за папата Франциск и неговото здравје.
Двостраната пневмонија е сериозна инфекција која може да предизвика воспаление и лузни во двете белодробни крила, што го отежнува дишењето.
Ватикан ја опиша инфекцијата на папата како „комплексна“.
Папата Франциск, кој е на чело на Католичката црква од 2013 година, а во последните две години имаше неколку здравствени проблеми.
Тој е особено подложен на инфекции на белите дробови, бидејќи како млад човек боледувал од плеврит, при што му бил отстранет дел од едното белодробно крило.