Сиљановска-Давкова и Радев имале телефонски разговор
За разговорот информираа од кабинетот на Радев наведувајќи дека двајцата разговарале за „важноста на конструктивниот дијалог на високо ниво меѓу двете земји, вклучително и во мултилатералните формати“.
„Овој дијалог е од особено значење и за градење стабилна основа за развој на билатералните односи и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со обезбедување на безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, соопштија од кабинетот на Радев.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова, засега не се огласија за разговорот.
Двајцата последен пат одржаа средба во ноември 2024 на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербејџан.
Претходно во септември, неколку месеци откако во мај лани Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата, имаа средба во Софија. Македонската претседателка тогаш беше во посета на Бугарија каде од публика го следеше настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди во Софија.
За време не престојот, таа имаше средба со Радев, но настанот предизвика контроверзии бидејќи бугарскиот претседател ја пречека и се фотографираа пред знамињата на Бугарија и ЕУ, а без македонско знаме. Тоа беше причина властите во Скопје да испратат и протестна нота до Софија.
Односите меѓу двете соседски земји во последните години се затегнати. Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Меѓутоа, владата во Скопје, која беше формирана по изборите во мај 2024 и ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, бара гаранции дека во иднина нема да има други условувања од бугарска страна. Меѓу предлозите кои се прифатливи за неа и беа лиферувани во јавноста се и уставни измени со одложено дејство – да се изгласаат сега, но да важат од членството на земјата во ЕУ предводена од ВМРО-ДПМНЕ по изборите.
Бугарија, пак, беше во политичка криза – за четири години одржа седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да формира влада. Во јануари годинава, во Софија конечно се формираше политичка влада, меѓутоа и нејзините ставови се дека не е можно репреговарање на договорените услови за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.