Вучиќ смета дека паѓа поддршката за протестите низ Србија
Вучиќ не наведе на што го темели ваквиот заклучок.
Тој додаде дека „сега треба да се собираат од цела Србија на едно место за да одржат големи случувања“, алудирајќи на собирот што денеска се случува во Ниш.
Исто така, порача и дека „додека е жив, нема да дозволи власта да се избира на улица“.
„Секако дека следи радикализација, бидејќи кога ќе видите дека поддршката опаѓа, треба да одите до крајности и да правите погрешни работи, да ги напаѓате луѓето кои размислуваат поинаку, да одите на наводно освојување институции и сите други незаконски работи“, рече Вучиќ во разговорот со жителите на Неготин при посетата на областите Заечар и Бор.
Во Ниш денеска (1 март) во 9 часот наутро започна 18-часовната блокада на која повикаа студентите. Блокадата треба да заврши во 3 часот по полноќ. Целиот центар на градот е претворен во пешачка зона, а сообраќајот се пренасочува.
Ова е само последниот во низа протести што се одржуваат во градовите ширум Србија. Нив ги предводат студентите кои блокираат повеќе од 60 факултет во четири универзитетски града во земјата.
Денешната блокада во Ниш се одржува на точно четири месеци по несреќата во Нови Сад каде падна бетонската настрешница од реконструираната Железничка станица при што загинаа 15 лица, а две беа повредени.
Студентите бараат кривична и политичка одговорност за овој случај. Исто така, бараат и одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите да бидат кривично гонети.
Власта на чело со претседателот Вучиќ тврди дека студентските барања се исполнети.
Студентите, пак, порачуваат дека Вучиќ не е надлежен за исполнување на нивните барања кои тврдат, не се исполнети и продолжуваат со протестите.