Мицкоски на средба со Орбан во Унгарија, ќе има и меѓувладина седница
Предвидено е Мицкоски да одржи тет-а-тет средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а и да се одржи заедничка седница помеѓу владите на двете држави, соопштија од владината прес-служба најавувајќи го овој унгарско-македонски самит.
Се очекуваат и повеќе билатерални средби меѓу ресорните министри.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со унгарскиот колега Петер Сијарто треба да потпише и Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на теми поврзани со интеграцијата со ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика.
Мицкоски и Орбан треба да одржат и заедничка прес-конференција.
Ова ќе биде втор ваков настан откако македонската и унгарската влада одржаа заедничка меѓувладина седница во септември во Охрид, Северна Македонија.
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан важи за блиска до владејачката партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.
Набргу по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во мај 2024 година, Мицкоски со Орбан договори заем од Унгарија во вредност од една милијарда евра.
Кредитот беше земен во два наврати – по пола милијарда евра. Со едната половина државата го плати долгот од 500 милиони евра за еврообврзница издадена во 2018 година. Од другата половина, пак, 250 милиони евра беа најавени за помош на бизнис секторот, додека останатите за проекти на општините.
Инаку, Унгарија е и земјата каде во 2018 избега и доби политички азил, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во Северна Македонија се гонеше во неколку судски случаи со обвиненија поврзани со висока корупција, кои тој ги негираше.