Трамп го прогласи англискиот за официјален јазик на САД
Тој смета дека тоа ќе помогне да се обезбеди „обединето и кохезивно општество“ во нација која долго време се гордее со својот мултикултурализам.
Со ваквиот потег САД првпат имаат службен јазик на национално ниво, иако од претходно 30-тина сојузни држави го прогласија англискиот за свој официјален јазик.
„Од основањето на нашата Република, англискиот јазик се користи како наш национален јазик“, наведе Трамп во наредбата потпишана на 1 март.
„Официјалните историски документи на нашата нација, вклучително и Декларацијата за независност и Уставот, се напишани на англиски јазик. Затоа, одамна е време да се прогласи англискиот за официјален јазик на Соединетите Држави“, се вели во документот.
Некои активисти изразија загриженост за ефектот што ова ќе го има врз неанглиското говорно подрачје, кога станува збор за прашањата за имиграција, процедурите за гласање и пристапот до помош.
Ваквиот потег на Трамп ја поништува одлуката на поранешниот претседател Бил Клинтон со која се бара од владините агенции и организации, кои добија пари од федералната каса, да обезбедат јазична помош за неанглиското говорно подрачје.
Ова ќе им овозможи на ваквите институции да одлучат дали ќе продолжат да нудат документи и услуги на други јазици.
Во документот се наведува дека „од раководителите на агенциите не се бара да менуваат, отстрануваат или на друг начин да го запрат производството на документи, производи или други услуги подготвени или понудени на други јазици освен англискиот“.
Според веб-страницата на американската влада, луѓето во САД комуницираат на повеќе од 350 јазици. Бирото за попис соопшти дека меѓу најчесто зборуваните јазици покрај англискиот се шпанскиот, кинескиот, виетнамскиот и арапскиот.
Се зборуваат и домашните северноамерикански јазици, вклучувајќи ги навахо, јупик, дакота, апачи, керес и чироки.
„Користењето на англискиот јазик не само што ги отвора вратите економски, туку и им помага на новодојденците да се вклучат во нивните заедници, да учествуваат во националните традиции и да придонесат за нашето општество“, рече Трамп.