Вучиќ се сретнал со синот на Трамп во Белград
Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнал со Доналд Трамп Јуниор, синот на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Како што објави Вучиќ на својот Инстаграм профил, тие разговарале за билатералните односи меѓу Србија и САД и за актуелните теми кои ја обликуваат глобалната политичка и економска сцена.
„Ја истакнав важноста на економските и политичките односи меѓу Србија и САД и ја истакнав важноста на стратешката соработка меѓу двете земји и заедничките проекти во наредните години. Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици“, напиша Вучиќ.
Трамп Јуниор беше и во Белград во септември 2024 година, кога разговараше за потенцијалните инвестиции со група бизнисмени од Србија.
Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, веќе има деловни потфати во Белград. Со неговата компанија во мај 2024 година беше потпишан договор за изградба на деловен и станбен комплекс на местото на поранешниот Генералштаб, чии делови беа уништени во интервенцијата на НАТО во 1999 година.
Вучиќ пред средбата во своето обраќање на Инстаграм ги повика и сите актери на српската политичка сцена да не користат насилство во својата борба.
„Да не се однесуваат противуставно, да не ги запираат движењата на другите луѓе, да не предизвикуваат заложнички кризи спречувајќи некого да работи и живее, да не ја напаѓаат полицијата, како што синоќа брутално ја нападнаа полицијата пред РТС, која никого не допре, туку да се однесуваат цивилизирано и во согласност со законите на оваа земја“, рече Вучиќ.
Во понеделникот вечерта студентите ги блокираа влезовите во зградата на Радио и телевизија на Србија. На собирот дојде до пресметка со полицајци.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната, иако на снимките објавени на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки тепа студенти и граѓани.
Во метежот е повреден еден полицаец, а српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека тешките повреди на окото му ги нанеле демонстранти кои ги нарече „болшевички пленумци“.
Сепак, на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека повредениот полицаец бил во цивилна облека на протестите, се движел меѓу студенти, а бил повреден од сопствените колеги во униформа.