За авганистанските бегалци во Пакистан, одбројувањето почна
Планот на Пакистан да депортира милиони авганистански мигранти наиде на остри критики додека земјата почнува да ја спроведува својата контроверзна политика.
Групите за права предупредуваат дека многу повратници се соочуваат со сериозни ризици во Авганистан под контрола на Талибанците, вклучувајќи прогон, насилство и економски тешкотии. Ранливите поединци како што се жените, новинарите, бранителите на човековите права и поранешните владини функционери се особено изложени на ризик.
Владата првично го одреди 31 март како краен рок за авганистанските мигранти да заминат доброволно или да се соочат со депортација.
Сепак, крајниот рок беше одложен до 10 април поради празникот Рамазан Бајрам што го означува крајот на Рамазан, соопштија официјални лица.
Ова обезбедува кратко одложување за депортацијата на десетици илјади Авганистанци, но не ја менува целта на владата да протера до 3 милиони мигранти до крајот на годината.
Во меѓувреме, околу 40 000 Авганистанци во Пакистан чекаат неизвесно преселување во трети земји, главно на Запад. Многумина избегаа по враќањето на Талибанците во 2021 година, плашејќи се од одмазда поради односите со Соединетите Држави, НАТО и други западни организации.
Кој ќе биде депортиран?
Кампањата за депортација ги таргетира носителите на авганистанска граѓанска картичка (AГК), лица без документи и оние кои пристигнале по враќањето на Талибанците на власт.
Има околу 800 000 иматели на АГК картички и 1,4 милиони Авганистанци на кои им биле издадени картички за доказ за регистрација (ДР) од Агенцијата за бегалци на ОН. Сопствениците на овие картички сè уште не се депортирани, велат пакистанските власти, бидејќи нивните дозволи истекуваат во јуни.
На имателите на АГК им се дава привремена дозвола за престој во Пакистан, но важноста и времетраењето на нивниот престој ги одредува федералната влада. За разлика од имателите на ДР-картички, имателите на AГК немаат гарантирана заштита од депортација надвор од наведените рокови на владата.
Ова претставува друг проблем, бидејќи членовите на исто семејство можат да имаат различни имиграциски статуси.
Таков е случајот со Рехмат Кан, човек во неговите 50-ти, кој се соочува со итна депортација затоа што е носител на АГК-картичка, додека другите членови на неговото семејство се носители на ДР-картичка.
„Не знам како можам да го оставам моето семејство зад себе и не знам кој ќе ги поддржи кога ќе бидам депортиран во Авганистан“, изјави тој за Радио Машаал на Радио Слободна Европа.
Рехмат Кан е еден од приближно 20 000 Авганистанци кои живеат во бегалскиот камп Џалала, околу 150 километри северозападно од Исламабад. Жителите на кампот се официјално известени да се подготват за заминување.
Повеќето од Авганистанците во кампот се потомци на бегалци кои мигрирале во Пакистан по советската инвазија на Авганистан во 1979 година. Многумина се на возраст од 30 години, што значи дека никогаш не живееле во Авганистан и го сметаат Пакистан за свој дом.
Кампот функционира како мало село, со неколку училишта, куќи претежно од кал и импровизирана чаршија.
„Јас сум 11-то одделение. Ако ме вратат во Авганистан во овој момент од учебната година ќе ми ја уништат иднината. Таму нема можности за образование и не сум запознаен со образовниот систем. Јас сум роден и израснат овде и го знам ова место подобро од Авганистан“, изјави за Радио Машаал ученик кој побара да остане анонимен од безбедносни причини.
Во Ланди Котал во Пешавар, каде што се распоредени паравоените сили на Граничниот корпус и локалната полиција, е формиран логор за преселување на бегалците.
Додека во моментов во кампот нема сместени бегалци, официјалните лица очекуваат прилив на семејства во наредните денови, бидејќи процесот на репатријација добива на интензитет.
Групите за права алармираат за „суровиот“ рок за депортација
Обединетите Нации изразија тревога поради планот, предупредувајќи дека некои луѓе ќе бидат загрозени во Авганистан.
„Го повикуваме Пакистан да продолжи да обезбедува безбедност на Авганистанците кои се изложени на ризик, без оглед на нивниот статус на документацијата“, повика Филипа Кандлер, претставник на УНХЦР во земјата, во изјавата на 5 февруари, кога беше поставен првичниот рок.
Амнести интернешнал исто така ги осуди депортациите, нарекувајќи ги кршење на меѓународното право за човекови права.
„Непопустливиот и суров рок на пакистанската влада за отстранување на авганистанските бегалци покажува мало почитување на меѓународното право за човекови права, особено на принципот на 'неприсилно враќање' на бегалците во нивните земји“, рече заменик-регионалниот директор на Амнести за Јужна Азија, Изабел Ласе, на 26 март.
Таа додаде дека прикажувањето на авганистанските бегалци како закана е „неискрено“ и дека е „жртвено јагне“ заедницата која побегнала од прогон.
И покрај зголемените критики, пакистанските власти ја бранат политиката како неопходна за националната безбедност и управувањето со ресурсите.
Пакистанската влада често ги обвинува авганистанските граѓани за милитантно насилство и криминални активности. Овие тврдења пак ги отфрли екстремистичката влада во Кабул предводена од Талибанците.