ОЈО: Сопружници од Белгија фатени со златен накит вреден половина милион евра на скопскиот аеродром
Маж и жена од Антверпен, Белгија, вчера пристигнале во земјава со лет од Виена, па избегнувајќи ја царинската контрола на аеродромот во Скопје, пренеле непријавени стоки – вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711,1 грама и во вкупна вредност од 479.555 евра, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство - Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против две лица, белгиски државјани, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – криумчарење согласно член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ОЈО, осомничените откако ја поминале пасошката контрола на Аеродромот во Скопје, поминале на зелениот канал, каде што поминуваат патници кои немаат стока за пријавување, а второосомничениот при селекција од страна на царинскиот службеник бил упатен на преглед на личниот багаж на скенер, каде било забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии за накит и други непријавени предмети.
Тој појаснил дека патува со неговата сопруга која е првоосомничена и дека таа ја поминала пасошката контрола. Нешто подоцна осомничената се вратила и при дополнителен царински преглед, во личниот багаж – ранецот кој го носела била пронајдена непријавената стока – златен накит, која и била одземена.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани осомничени за криумчарење на стока која е во вредност од големи размери.