Мицкоски: Нема реконструкција на Владата пред локалните избори
Владата нема да се реконструира пред локалните избори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски кажа дека Владата функционира обединето и единствено, наведувајќи дека „односите во Владата се коалициски одлични“, иако изминатите денови актуелни се превирања во коалицијата од албанскиот политички блок „Вреди“ и прашањето за можното напуштање на министерот за здравство Арбен Таравари од оваа коалиција.
Арбен Таравари кој го предводи едното крило на Алијанса на Албанците и е дел од коалицијата од албанскиот политички блок „Влен“ вели дека не добиле понуда од коалицијата да се спојат во една партија.
„Досега не сме имале понуда од „Влен“ за да бидеме една партија. Ако имаме, ќе одлучиме, но ако тие веќе одлучиле, им го даваме името - нека го задржат името „Влен“. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите“, изјави Таравари, негирајќи дека имал разговори со опозициската ДУИ.
За информациите дека добил понуди од „Влен“ и од ДУИ да има 35 отсто од советничките листи и пет кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, Таравари рече дека не преговарал со ДУИ, а од „Влен“ добил понуда, која повеќе може да ја нарече ултиматум отколку понуда.
„Не сум преговарал со ДУИ. „Влен“ ми пуштија повеќе би рекол ултиматум пред вчерашното Собрание. Јас никогаш не прифаќам ултиматуми, сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите пред се со „Влен“ бидејќи до сега сме дел од „Влен“, но ако одлучат тие четири да одат без нас, ние тоа го прифаќаме, рече Таравари.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од коалицијата „Вреди“, коментирајќи ги односите меѓу политичките субјекти внатре во коалицијата „Вреди“, рече дека никој нема дилеми, освен Арбен Таравари, за којшто рече „гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција“.
„Односите со министерот за здравство Арбен Таравари се добри и комуницираме, но сите треба да имаат предвид дека Влен е антипод на ДУИ, односно Коалиција која победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Ние работиме на таа промена до крај за тоа да го почувствуваат и граѓаните … Никој нема дилеми во Коалицијата, единствениот којшто има дилеми којшто гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција е господинот Таравари, затоа него ќе го прашате, но мислам дека Влен ги доби гласовите, 107.000 гласови како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така што, никој нема дилеми освен Таравари којшто треба да расчисти со дилемите“, нагласи Меџити.
Прашањето како да се настапи на локланите избори ги изнесе на површина несогласувањата во коалицијата Вреди. Додека Таравари отворено критикува, дел од партнерите се оптимисти дека ќе настапат заедно на избори.