Милијарди прашања за милијардите од Лондон
Тамам ги заборавивме унгарските милијарди, ете ни нови. Шест. Овојпат британски, со Договор за стратешко парнерство, што ја прави Македонија прва земја на Балканот која склучува Договор за стратешко партнерство со Велика Британија.
Први рака си подадоа премиерите Христијан Мицкоски и Кир Стармер, а вчера во Лондон за параф отиде вицепремиерот Александар Николоски.
Но, освен фотографии и подавање рака други детали, од оние најважните - нема.
Тие пари - ние мигрантски кампови?
Стратешкиот договор вклучува финансиска рамка од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра).
И само што бидна премиерскиот поздрав, неколку странски угледни медиуми, меѓу кои и британски Гардијан, отворија дилема дали Лондон ќе даде поволен заем за ние да отвориме кампови за прифаќање мигранти кои не добиле азил во Британија.
Тоа ја окуражи македонската опозиција да испука „прашања во рафал“: На што се должи договорот, кои се условите, колкави се каматите, колку ќе заглавиме, ќе се офајди народот и државата или поединци, ќе станеме ли прифатен центар за бегалци...?
Тоа е „нешто што никогаш не ни паднало на памет и никој не го побарал од нас“, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред членовите на неговата партија ВМРО ДПМНЕ.
За него договорот е историски затоа што со пристапот до 6 милијарди евра поволни заеми „ќе донесе инвестициска револуција во земјата, вистински историски инвестициски циклус, кој ќе значи работа, изградба, развој“. И нареди листа: железници, автопати, болници, студентски домови, поголема безбедност, борба против корупцијата...
И британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, рече дека нема такво нешто, туку соработката во оваа сфера ќе се однесува на борба против криминални мрежи и размена на разузнавачки информации.
Што се потпиша во Черчиловата соба?
Министерот за транспорт Александар Николовски и неговиот британски колега Герет Томас симболично го потпишаа документот во Черчиловата соба на Даунинг стрит во Лондон. Со овој чекор, парите од заемот стануваат оперативни и ќе бидат инвестирани во клучни проекти, главно во транспортот и здравството, истакнаа министрите.
Потпишувањето на меѓувладиниот договор за финансирање е првиот чекор пред официјалното склучување на Договорот за стратешко партнерство помеѓу двете земји. Иако е познато дека грејс периодот за отплата ќе започне по завршувањето на проектите, сè уште нема детални информации за условите на кредитот, како каматните стапки и роковите на враќање.
Поради тоа опозицијата и вчера ја критикуваше Владата за недостиг на транспарентност, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека ова задолжување ќе ги врзе идните генерации, додавајќи дека секое новороденче ќе должи по 6.000 евра, а јавниот долг ќе надмине 115%, што според него е полошо и од грчката криза.
Во што ќе се вложуваат милијардите?
Со договорот се цели да се воспостави поддршка на инфраструктурни проекти во здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори. За тоа е планирана таа сума, која е за малку помала од годишниот буџет на Северна Македонија.
Планираните проекти, како што соопшти Владата, се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој се проценува дека ќе чини до две милијарди евра, а околу 200 милиони евра би чинела изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово како и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.
Но, детали и за овој дел од ова партнерство се уште не се откриваат.
Министерката и шеширот
Точната каматна стапка на кредитот што ќе се добие од Обединетото Кралство сè уште е непозната, бидејќи нема конкретен проект, изјави министерката за финансии Гордана Кочовска.
Според објаснувањата, пари ќе бидат повлекувани кога ќе има конкретен капитален проект кој е подготвен за финансирање, за што владата на Велика Британија ќе гарантира дека Северна Македонија навреме ќе ги врати парите на британските комерцијални банки.
Бизнис секторот му се израдува на стратешкиот договор. Од Стопанската комора велат дека во овие проекти ќе учествуваат и домашни компании за спроведување на изградбата на објектите. Првиот човек на оваа Комора, Бранко Азески, како што објавија вчера дел од македонските медиуми, дури и си ставил шешир во британски стил и изјавил дека колку повеќе овие проекти ги добиваат домашни компании, толку повеќе пари ќе останат во македонската економија.
Кога ќе се знаат жешките детали?
Опозицискиот СДСМ најави дека ќе гласа за ратификација на Договорот со Британија во Собранието, но лидерот Венко Филипче ја критикуваше Владата затоа што не ги објавува деталите од договорот.
Сепак, и премиерот и министрите уверуваат дека со заемите нема да се надмине критичната граница од над 60 проценти од бруто домашниот производ.
Пред да замине во Лондон вицепремиерот Николовски кажа дека, според него, „условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот ќе бидат подобри од кое било досегашно позајмување“ и „иницијално можно е да се движиме и под стапката на инфлација“, но деталите ќе бидат кажани за месец, до месец и половина.
Тој кажа и дека првите средства се очекуваат до крајот на летото, а градежните работи би можеле да започнат на почетокот на октомври. Се очекува домашни компании да учествуваат со до 70% во реализацијата на инфраструктурните проекти.