Стотици граѓани на протест во Белград побараа да се распишат нови избори
Неколку стотици граѓани од повеќе белградски општини протестираа вчера (21 јуни) пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК) во центарот на Белград барајќи да се распишат вонредни парламентарни избори.
Распишувањето на изборите е дел од барањата на студентите во блокада кои отпочнаа со протести низ цела Србија по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Граѓаните на вчерашниот протест побараа власта да ја „признае победата“ на опозицијата на локалните избори во Косјериќ, како и поништување на резултатите од изборите во Заечар.
Според официјалните резултати, на изборите во Заечар на истокот на Србија на 8 јуни, највеќе гласови освои владеачката Српска напредна странка (СНС), но опозицијата тврди дека имало големи изборни манипулации.
„Притисокот мора да продолжи“, изјави на протестот во Белград студент од Заечар и додаде дека се поднесени критивчни пријави против оние кои „учествувале во купувањето гласови“.
Студентка од Косјериќ пак, изјави дека СНС ги изгубила изборите во ова место и дека граѓаните „кажале што мислат“.
Владеачката СНС според официјалните резултати, во Косјериќ освои 14 места, а опозициската листа „Обединети за Косјериќ“ 13.
Полиција околу пионерскиот паркНабљудувачката мисија на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) во прелиминарниот извештај оцени дека изборниот ден во Косјериќ не бил ниту слободен ниту чесен, додека резултатот во Заечар не ја изразува волјата на граѓаните затоа што дури на 19 отсто од избирачките места се забележани тешки облици на неправилности.
Протестот на граѓаните кој се одржа под слоганот „Циркусот мора да си замине“, се одржа во непосредна близина на Пионерскиот парк каде од март има камп на луѓе кои се против протестите и блокадите.
Таму, граѓаните кои протестираа побараа од надлежните да ги отстранат оградите кои се поставени околу паркот и да овозможат слободен пристап.
Околу Прионерскиот парк пред самиот протест беше распоредена полицијата, а група од импровизираниот камп на разглас пушташе националистички песни.