Пред избори ДОМ ја напушта СДСМ, формира Зелена коалиција
Во пресрет на локалните избори наесен партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) објави дека излегува од досегашната коалиција со СДСМ и во иднина ќе делува независно на македонската политичка сцена. Стратегиската определба на партијата е создавање на нова "Зелена коалиција" во партнерство со граѓански организации.
Промените ги донел Централниот одбор на ДОМ, со цел да се постави нова програмска насока ориентирана кон развој на еколошки, фер и инклузивни политики. "Кога процесите се затворени, потребно е самостојно и доследно политичко дејствување", наведуваат од партијата.
Ова било решено на седница на Централниот одбор на ДОМ одржана пред два дена, на која, како што велат од партијата, се донесени три важни одлуки кои ќе ја постават идната политичка насока на ДОМ, која води кон вредносна доследност, отвореност и одговорност.
Велат дека ваквиот политички избор е желба на членовите на партијата да градат нова култура на локална политика – автентична, вредносно доследна и поврзана со потребите на локалните заедници.
„Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика“, велат од партијата.
Во својата изјава, партијата изразува критика кон актуелниот политички амбиент и потенцира дека коалициите треба да се создаваат врз основа на вредности, а не само на партиски интереси. За претстојните локални избори, ДОМ најавува отсуство на формални коалиции со политички партии и соработка исклучиво со граѓански иницијативи и локални заедници.
ДОМ не соопштува со кого конкретно ќе коалицира на локалните избори кои најверојатно че се одржат во октомври, ниту каде ќе има свои кандидати за градоначалници и советници.
Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вече објавија кандидати за градоначалници во голем дел градови, но и двете партии главно ги објавуваат имињата на актуелни градоначалници кои повторно ќе се кандидираат .