Бугарија распиша тендер за пругата кон Северна Македонија
Национална компанија за железничка инфраструктура на Република Бугарија денеска (28 јули) објави тендер за доизградба на железничката пруга кон Северна Македонија.
Тендерот се однесува на проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Северна Македонија во должина од 2,4 километри – единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.
Објавата на тендерот доаѓа десетина дена откако беше објавено дека Бугарија и Северна Македонија на разговори во Брисел се договориле да го финализираат договор за Коридорот 8.
Според бугарското Министерство за транспорт, двата проекта за кои е објавен тендер се важен дел од имплементацијата на Коридорот 8 на бугарска територија, а со објавувањето на тендерите Бугарија ги исполнува своите обврски за целосна изградба на железничка врска меѓу двете земји.
Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата опфаќа и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, а последните 420 метри од таа траса се издвоени како посебна ставка во тендерот со образложение дека нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел што Бугарија и Северна Македонија треба да го градат заедно.
Само на тој начин, посочува Министерството, нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи. Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на 420-те метри, што ќе се градат дополнително.
Овој тунел меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект со кој преку Коридорот 8 ќе се поврзат Црното со Јадранското Море. За него, Бугарија и Северна Македонија се договорија да формираат работни групи кои до крајот на месец јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Проектот за модернизација на делницата од 17 километри од Перник до Радомир, пак, вклучува изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 километри на час, реновирање на станиците и постојките по трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност. Рокот за завршување на оваа делница е средината на 2029 година.
Македонскиот и бугарскиот министер за транспорт, Александар Николоски и Гроздан Караџов, на крајот на јуни одржаа средба на маргините на Министерскиот форум за транспорт во Истанбул, каде што беше постигнат напредок за откочување на изградбата на железничката пругата. По ова, делегации на двете држави имаа разговори во Брисел на 16 јули.
„На состанокот на високо ниво се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија“, соопштија од Министерството за транспорт на Северна Македонија по состанокот.
Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.