Мицкоски очекува убави вести од преговорите за царините со САД
Претставници на македонските институции досега имале три рунди преговори со институциите во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на царините за извоз во САД, соопшти денеска (28 јули) премиерот Христијан Мицкоски кој очекува „убави вести“.
„Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји и очекувам убава вести за македонски граѓани, македонските извозници во САД. Да почекаме од Вашингтон да дојде веста“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека неговите очекувања се оваа недела целиот процес да биде завршен. Последната од трите рунди преговори за царините била одржана во петокот, 25 јули.
Најавите за договорот за царините на САД кон Северна Македонија Мицкоски ги даде коментирајќи го договорот што Соединетите држави го постигнаа со ЕУ вчера, 27 јули.
Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен објавија дека постигнале трговски договор за 15% царина за поголемиот дел од европските производи што се извезуваат во САД. Со тоа беше отстранета заканата на Трамп за царини од 30% од 1 август доколку не се постигне договор.
А, ваквиот договор, смета Мицкоски, е добар и за македонските компании.
„Ние ја поздравуваме одлуката (договорот меѓу САД и ЕУ) бидејќи голем дел од нашите производни капацитети преку компаниите во ЕУ извезуваат во САД. Ако Унијата е задоволна од овој договор, а очигледно таква беше изјавата на претседателката на ЕК, тогаш и ние сме задоволни“, изјави премиерот.
Трамп на почетокот на април воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и повисоки царини за некои земји. Царината за Северна Македонија што ја воведе американската администрација се зголеми на 33%. Но, набрзо потоа ја одложи примената на новите царински давачки за 90 дена.