Собранието ја констатира оставката на претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска
Собранието денеска на почетокот на 64. седница ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, поднесена минатата недела, откако против неа беше поднесено обвинение од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Како што соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, Димитровска ја известила законодавната власт дека ќе ја образложи својата оставка, но тоа не се случи до почетокот на седницата. „Собранието, врз основа на член 121 став 2 од Деловникот, констатира дека ѝ престанува функцијата претседател на Комисијата“, рече Гаши.
Оставката следеше по покренувањето на обвинение за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Во оставката, Димитровска се повика на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата, без дополнително образложение.
Седницата продолжи со пауза од еден час, по барање на пратеничката група на Европскиот фронт, по што треба да започне расправата за интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица.
За интерпелацијата најавено е дека ќе гласаат пратениците на Левица и на ЗНАМ, додека СДСМ се изјасни против. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера рече дека „не ги менуваат ставовите преку ноќ“, а од ДУИ најавија дека денеска ќе го соопштат ставот.