Граѓаните ќе добиваат СМС-известувања за решенија за пензија
Граѓаните од денеска (29 јули) ќе добиваат СМС пораки за подигнување на решенијата за пензија. Секој граѓанин што поднел барање за остварување право на пензија ќе добие порака со информации каде и кога може да го подигне изготвеното решение – информираше Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.
СМС-пораката што ќе ја добијат граѓаните ќе гласи: „Вашето решение со бр. хххххххххххххх е изготвено. Истото можете да го подигнете во Филијалата/Деловницата на ФПИОСМ каде што е поднесено барањето.“
Покрај оваа новина, Фондот информира дека е воспоставен и нов Кол Центар преку кој граѓаните можат да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и за условите за стекнување на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија, како и најнизок износ на пензија.
Покрај ова, тие ќе може да добијат информации и за остварување на права со примена на меѓународни договори, скратено работно време, промена на работно место, непосредна опасност од настанување на инвалидност, утврдување на својство на осигуреници како земјоделци, продолжено осигурување, упатени во странство и вработени во странство, посебни категории на осигуреници како верски лица, остварување на права за осигуреници со бенефициран стаж, задршки од пензија, услови за остварување на право за сместување во пензионерски дом.
Дополнително, преку националниот портал uslugi.gov.mk, достапни се 13 електронски услуги.
Во фаза на тестирање се и нови услуги, како што се барање за остварување на право на семејна пензија, барање за остварување на право на инвалидска пензија, барање за остварување на право на паричен надомест за телесно оштетување, издавање на дупликат решение.