Гаши: Локалните избори ќе бидат распишани до крајниот датум
Локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на Народниот правобранител и на претседател на ДКСК - изјави денеска (31 јули) претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска донесе предлог одлука за избор на Народен правобранител и се постигне договор имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадинтер, Гаши, вели, би можел да свика итна седница уште денеска.
Што се однесува до Комисијата за спречување на корупција, претседателот на Собранието кажа дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за претседател на ДКСК.
„Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите до крај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател за спречување на Комисијата или пак Народен правобранител“, изјави Гаши.
Во однос на интерпелацијата на јавниот обвинител Љубомир Коцевски, првиот човек на законодавниот дом вели дека Собранието веќе се изјаснило и оти сега останува до другите органи кои треба да го слушнат овој глас на народните избраници, Владата и државниот обвинител.
Сепак, според Гаши, тоа треба да го стори и Советот на обвинители, доколку процени така.
Претседателот на Собранието, на Илинден нема да се обрати на Пелинце од здравствени причини и најави дека тоа ќе биде еден од потпретседателите на Собранието.
Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но Гаши потсетува дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.