Салиу: Не бев на одмор со службено возило, туку во суд
Министерот без ресор Шабан Салиу не гледа ништо спорно во тоа што во суд доаѓа со службено возило. Тој е дел од случајот кој го води обвинителството за смртта на 62 ца млади луѓе во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, и денеска пред новинарите изјави дека токму тие водат судска постапка против него.
„Се додека не бидам осуден не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката, рече денеска министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали чувствува вина за случајот со пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, за кој се води истрага во која и тој е опфатен.
Обвинението за една од најголемите трагедии е веќе поднесено, но за сега не е прифатено од судот. Салиу во него е опфатен како директор на Дирекцијата за заштита и спасување, функција на која беше 9 години до 2017 та. За него се одредени мерки на претпазливост и треба да се јавува во суд во понеделник и петок, како гаранција дека нема да побегне од земјава.
Тој најави дека ќе ја докаже својата невиност.
Два понеделници по ред РСЕ го фотографираше како оваа мерка ја извршува со своето службено возило додека возачот го чека во него. За Салиу ова не е коректно однесување од новинарите.
„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка, бидејќи има една општа презумпција на невиност. Не бев на одмор, не бев никаде, напротив во рамките на моите должности, го извршив и тоа, се пријавив.Од 8 до 17 часот сум на работа и не бев никаде надвор од државата, туку бев во судот“, посочи Салиу.
Инаку Владата пред два дена донесе одлука за сите државни возила да се обележат со црвени таблички токму за да се спречат злоупотреби за приватни цели. До 15 септември ќе треба сите возила кои се службени да бидат препознатливи, а граѓаните ќе може да пријавуваат можни злоупотреби.