Карни: Канада ќе ја признае палестинската држава во септември
Канада има намера да ја признае палестинската држава на состанокот на Обединетите Нации во септември – изјави вчера (30 јули) премиерот на оваа земја, Марк Карни. Со ова, дополнително се зголемува притисокот на израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху додека хуманитарната криза во Газа се влошува.
„Соработуваме со другите за да ја зачуваме можноста за решение за две држави, за да не дозволиме фактите на теренот - смртни случаи, населби, експропријации, да стигнат до таа точка дека тоа не е возможно", рече Карни.
Тој за новинарите изјави дека планираниот потег се темели на посветеноста на палестинската власт да спроведе реформи, вклучувајќи темелни промени во управувањето и одржување на општи избори во 2026 година, во кои ХАМАС „не може да има никаква улога".
Канада веќе долго време тврди дека ќе ја признае палестинската држава дури откако ќе завршат мировните преговори со Израел. Меѓутоа, Карни изјави дека реалноста на терен, вклучувајќи го гладот на граѓаните во Газа, значи дека „перспективите на палестинската држава буквално исчезнуваат пред нашите очи."
Меѓу причините тој ја наведе и „раширената закана од тероризмот на ХАМАС за Израел", забрзаната изградба на населби ширум Западниот Брег и Источен Ерусалим, како и гласањето во Кнесетот со кое се повикува на анексија на Западниот Брег.
„Канада го осудува фактот дека израелската влада дозволи да се случи катастрофа во Газа“, рече Карни.
Најавата пристигна по минатонеделната објава на Франција дека ќе ја признае палестинската држава и ден откако Британија изјави дека ќе го направи истото на Генералното собрание на ОН ако борбите во Газа, до тогаш не престанат.
Ваквите најави на некои од најблиските израелски сојузници одразуваат сè поголемо меѓународно незадоволство поради сериозната хуманитарна криза во Газа. Глобалната организација за следење на гладот предупреди дека во енклавата се одвива најлошиот можно сценарио на глад.
Владината канцеларија за медиуми во Газа со која управува Хамас, наведе дека израелската војска во средата во рок од три часа убила најмалку 50 луѓе, додека се обидувале да добијат храна од камионите за помош на ОН кои пристигнувале во северниот дел на Појасот Газа.
Израелското министерство за надворешни работи набргу потоа ја отфрли изјавата на канадскиот премиер.
„Промената на ставот на канадската влада во овој момент претставува награда за ХАМАС и му штети на напорот да се постигне прекин на огнот во Газа и рамка за ослободување на заложниците", соопшти министерството.