Слабости во контролите во Фондот за здравствено осигурување, утврди Заводот за ревизија
Отсуство на единствен интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање и значајни слабости во спроведувањето на контролите во здравствените установи од страна на Фондот за здравствено осигурување - утврдиле ревизорите по извршената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2023 година.
Според ревизорите, контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени. Поради ова, додаваат тие, не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.
- Новите вградени системски контроли во ИТ системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот еРецепт сѐ уште не е воспоставен, се наведува во соопштението од ДЗР.
Слабости во функционирањето на ИТ системот
Ревизорите утврдиле слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата.
-По настанатиот сајбер напад реализирани се договори за изнајмување на приватен облак за податочниот центар во Фондот, како и за услуги за системска и мрежна инфраструктура и систем за сајбер безбедност, велат од ДЗР.
Ревизорите утврдиле дека во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од 311.237 илјади денари, односно околу 5 милиони евра.
-За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат 300.292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите, се посочува во соопштението.
При ревизијата утврдени се и повеќе слабости во прикажаните позиции во Билансот на состојба.
-Имено, имотно правниот статус на дел од градежните објекти и земјиштето се уште не е регулиран, нецелосно е утврдена вредноста на недвижниот имот и истиот не е целосно евидентиран во деловните книги. Обврските кон добавувачите ненавремено се евидентираат во деловните книги, што доведува до нивно нереално искажување во финансиските извештаи, истакнуваат од ДЗР.
Во делот на „нагласување на прашања за неизвесност“ ревизорите обелоденуваат повеќе состојби и тоа: отсуство на целосни информации за побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување, а наплатата на овие побарувања кои настанале заклучно со 2008 година е неизвесна.
Понатаму, постоење неизвесност за крајниот исход на судските постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна во земјата во износ од 317.924 илјади денари и во странство во износ од 25.627 илјади денари, како и тужител со вкупна вредност од 67.996 илјади денари, референтните цени за здравствени услуги кои паѓаат на товар на Фондот не се ажурирани и не ги одразуваат реалните трошоци и придонесот за задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се здравствено осигурени по ниеден основ не е целосно исплатен од страна на Министерството за здравство, односно салдото на неисплатениот придонес на крајот на 2024 изнесува 2.136.300 илјади денари.
Клучни ревизорски прашања
Во делот „клучни ревизорски прашања“ се известува за начинот на плаќање на извршените услуги на здравствените установи, укажувајќи дека не е обезбедено вистинско купување на услуги предвидено со Законот за здравственото осигурување.
Имено, како што посочуваат од ДЗР, Фондот во рамки на утврдениот буџет, наместо да ги надоместува извршените здравствени услуги е принуден да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што 2/3, односно 77 jавни здравствени институции имаат статус на неодржливи, поради реализиран значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок.
Во делот „останати прашања“, според ревизорите, се известува за Листата на лекови на товар на Фондот која не е ажурирана од 2014 година согласно новата Методологија, во 2024 година е дополнета со само осум лека.