Експерти бараат итно стопирање на хидроцентралите на Дошница
Група експерти од областа на биологијата, геологијата, хидрологијата и географијата денеска упатија јавен апел до Министерството за животна средина и просторно планирање, барајќи итно запирање на сите активности поврзани со изградбата на мали хидроелектрани во сливот на реката Дошница.
Во своето писмо, потпишано од 13 еминентни научници, меѓу кои академик Владо Матевски и професорите Митко Караделев, Ивица Милевски, Златко Левков и Рената Ќуштереска, тие предупредуваат дека овие интервенции се планираат токму во време кога тече валоризација на Демиркаписката Клисура со цел нејзино прогласување за заштитено подрачје.
Дошница, која се наоѓа во рамки на ова подрачје, е идентификувана како една од најчистите и највредните водотеци во земјава, велат тие.
„Секоја интервенција пред завршување на валоризацијата може да предизвика неповратна штета врз екосистемите и водниот режим“, се вели во дописот, во кој експертите бараат Министерството да го стави текот на реката Дошница и нејзиниот предел под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.
Во нивниот јавен повик се предлага итен мораториум на сите инфраструктурни зафати, вклучително и изградбата на хидроцентралите МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, сè додека не заврши научната проценка, не се дефинираат границите на идното заштитено подрачје и не се изработи план за управување со него.
Бидејќи сè уште не се утврдени степенот на заштита и просторните граници на потенцијалното заштитено подрачје, експертите сметаат дека секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, велат експертите.
Дозволи за две хидроцентрали се издадени на приватната фирма „Хидро Дошница“. Градежните активности се планирани во горниот тек на реката, на територијата на Општина Кавадарци, а граѓански активисти повеќе од еден месец ја блокираат пристапната патека.
Активистите предупредуваат дека за проектите не е изготвена Студија за оцена на влијанието врз животната средина, туку само Елаборат, иако Архуската конвенција и Поглавје 27 од европското законодавство бараат поинаков пристап за вакви интервенции кои зафаќаат јавни природни ресурси.