Сиљановска-Давкова: Не очекуваме регионалните проблеми да се одразат врз македонската безбедносна состојба
Безбедносната состојба е стабилна и под контрола, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по состанокот на Советот за безбедност во Вила Водно кој траеше повеќе од два и пол часа.
Како што рече на прес-конференција, теми на разговор биле три прашања - безбедносната состојба во регионот, Европа и светот, пожарите во Северна Македонија и регионот и за евроинтегративниот процес на државата.
„Од воведните излагања и од средбата заклучокот беше дека, сепак, регионалната безбедност е стабилна и под контрола и во земјава и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми. Главно се говореше за состојбата во регионот, она што се случува во Босна и Херцеговина, каде што често слушаме сецесионистичка реторика, институционалната криза во Косово поради неможност да се конститурираат органите, како и во соседна Србија каде има низа сериозни проблеми. Но, од аргументите, од податоците што ги имаме, заклучокот е дека, сепак, и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба, истакна Сиљановска-Давкова.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, посочи дека кај сите присутни на состанокот биле „неподелени ставовите за потреба од мир“. Рече дека за тоа немаме сигурни гаранции зашто „преговорите се во тек па се прекинуваат“.
„Честопати велам очекував поангажирана и поактивна Организација на Обединетите нации која, за жал, е маргинализирана“, рече претседателката.
За пожарите низ земјава посочи дека се под контрола во моментов и дека не се должат само на високите температури туку има „основано сомнеиние дека се намерно предизвикани“.
„Останува дилемата дека се намерно подметнати, но не можам да зборувам за тоа додека нема докази и додека имаме предистражна постапка“, изјави Сиљановска-Давкова.
На прес-конференцијата , таа кажа дека состојбата е под контрола со пожарите кои се гасат со ангажман на домашните институции, кои се коориднирани, меѓу кои и војската, но и со помош од Европа.
Како што рече Сиљановска - Давкова, од Владата била информирана за систем за превенција на кој работат, употреба на камера и дронови „со кои точно би се лоцирале опасностите, па и извршителите“ и дека изложиле низа мерки што во иднина ќе ги имплементираат - од промена на Закон за справување со кризи и ангажирање волонтери, при што напомена и дека се оспособени возила што се употребуваа за воени цели, а денес се користат на теренот.
Додаде дека е предложен нов проект, современ информативен систем за временски непогоди, со помош на вештачка интелигенција и пресметки со кои, рече дека може однапред да се предвидат низа ситуации.
Да се држиме до Копенхагенските критериуми владеењето на правото
Претседателката Сиљановска-Давкока соопшти дека на Советот за безбедност како треба точка се зборувало и за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
„Се укажа на пакетот закони изработени од Министерството за правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јавните обвинители и на членовите на Судскиот совет, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска - Давкова за состојбата со евроинтеграцијата по втората седница на Советот за безбедност и нагласи дека основниот заклучок е дека имаме Реформска агенда и имаме План за развој“, соопшти претседателката.
Сите дискутанти, како што рече, укажаале на очекувањата и важноста од извештајот во ноември за напредокот во евроинтеграциите.
„Јас и други укажавме на потребата од активност на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието бидејќи во него членуваат не само пратеници, туку и претставник на МАНУ, претставник на невладините организации... Тоа е многу важно. Зошто? За да градимие ние единство и да се разбираме и да доаѓаат критиката и предлозите на време за да може навистина легислативата да биде по европска мерка оти постфестум е доцна. Истото важи и за Комисијата за европски прашања, која треба да биде многу поактивна или активна за да може да ги анлизираме состојбите и за да може да одговориме на забелешките што ги дава ЕК за напредокот на државата во сите области“, рече Сиљановска - Давкова.
Ова беше втора седница на Советот откако Сиљановска-Давкова е на чело на државата. Таа ќе се одржи во претседателската вила „Водно“.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.