Алиу: Бесплатен влез за онколошките пациенти на новиот паркинг на Клинички
Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички – најави министерот за здравство, Азир Алиу денеска (7. август).
Тој информираше дека за онколошките пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат, како што рече, влезот ќе биде евтин. За вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради „икс причини“ ќе биде трета цена која што ќе биде најскапа.
„Ценовникот на паркингот нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои што не се пациенти“, изјави Алиу по промоцијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изградбата на новиот паркинг простор на Клинички, министерот рече дека наредната недела на прес-конференција ќе соопшти повеќе детали, но, вели, она што може да го каже во овој момент е тоа дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие Градски паркинг кое и досега раководеше со паркингот на Клинички.
„Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП Градски паркинг. Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен на Кардиологија за да може пациентите кои што имаат потреба од интервенција во таа Клиника да може директно таму да влезат“, додаде ресорниот министер.
Тој кажа дека излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде двојно поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот.
Според него, засега нема да има изградба на нов тврд или монтажен објект, бидејќи како што рече, со оваа оптимизација бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволно.
Прашан зошто договорот се потпишува со истата институција којашто раководеше со паркингот на Клинички, односно ЈП Градски паркинг, тој рече :„мојот пристап како министер е да се работи со институции кои имаат експертиза во областите“.
„Проблемот досега не беше во ЈП Градски паркинг, туку во менаџирање на процесите во паркингот. Знаете дека ниту ЈП Градски паркинг, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот“, истакна Алиу.
Тој посочи дека сега се дефинира начинот на плаќање, но и се дефинира начинот на креирање на извештаи во реално време.
„Значи 24 часа ќе се има мониторинг на целиот простор. Исто така, ќе има камери за следење на автомобилите. За цената сѐ уште не е разговарано, ќе треба да има промени во цената, рече Алиу.
За тоа како ќе се направи поголем број на паркинг места, министерот нагласи дека има доста неискористен простор којшто ќе се искористи. Доколку има потреба и доколку оптимизирањето на паркинг просторот не даде резултати, тој посочи дека ќе се размислува за монтирање на катна гаража.
„Знаете дека имаме позади Клинички простор којшто буквално не е достапен ни за пешаци, ниту за автомобили, едноставно тој ќе биде оптимизиран. Работеа неколку архитекти и според нив ќе имаме дупло повеќе паркинг простор отколку што имаме сега. Доколку имаме потреба и резултатите покажуваат дека и со ваков тип на паркинг места и со оптимизација на тие слободни паркинг места, нема да бидат доволни, ќе одиме со третата фаза, монтирање на катна гаража внатре“, рече Алиу.