OН: Израел мора што поскоро да го запре планот за целосна контрола на Газа
Израел мора да го запре својот план за Газа „што е можно поскоро“, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк.
„Оваа понатамошна ескалација ќе резултира со поголемо масовно присилно раселување, повеќе убиства, повеќе неподносливо страдање, бесмислено уништување и ужасни злосторства. Војната во Газа мора веднаш да заврши. На Израелците и Палестинците мора да им се дозволи да живеат еден до друг во мир“, рече тој.
На 8 август, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Турк додаде дека израелската влада „треба да ги вложи сите свои напори за спасување на животите на цивилите во Газа со тоа што ќе овозможи целосен, непречен проток на хуманитарна помош“.
Тој, исто така, ги повика палестинските вооружени групи „веднаш и безусловно“ да ги ослободат сите преостанати заложници.
Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа - одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Претходно, ОН предупреди дека проширувањето на воените операции на Израел ризикува „катастрофални последици“ за палестинските цивили и израелските заложници.
Контроверзната ескалација наидува на отпор во Израел - вклучително и од семејствата на заложниците и веројатно дополнително ќе ја изолира земјата на меѓународно ниво, објавува Би-Би-Си.
Израел ја започна војната во Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе и беа земени 251 заложник во Газа.
Масовната израелска воена офанзива уби најмалку 61 158 Палестинци од тогаш, според Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, палестинско движење кое САД и Европската Унија го сметаат за терористичко.