Трговците, производителите и дистрибутерите на средба кај Дурмиши за цените на храната
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска попладне (8 август) ќе има средба со трговците, производителите и дистрибутерите на која ќе стане збор за цените на прехранбените производи. Како што информира, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, најави дека Владата ќе воведе ригорозни мерки.
„Нашето барање е да дејствуваат соодветно, да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив. Во спротивно, ќе преземеме мерки кои ќе бидат ригорозни. Ако се однесуваат како претходните месеци, ќе преземеме соодветни чекори, ќе донесеме остра одлука. Со тоа што ги викаме на средба, значи дека се подготвуваме за преземање мерки, истакна министерот“, одговорајќи на новинарски прашања.
Инаку министерот на денешната прес-конференцијата ја промовираше мерката „училишна кошничка“ што вчера ја донесе Владата.
Мерката која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година, предвидува намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 проценти во трговијата на мало.
Мерката ќе важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор-книжарници, супермаркети, спортски продавници, а опфаќа широк спектар производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесените производи.