Нетанјаху се закани на Хамас: Ако ги повредите заложниците, ќе ве ловиме со поголема сила
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја предупреди палестинската милитантна организација Хамас да не ги повредува заложниците што ги киднапираше. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
„Ако повредат барем влакно од главата на еден заложник, ќе ги ловиме со поголема сила до крајот на нивниот живот и тој крај ќе дојде многу побрзо отколку што мислат“, го цитираa Нетанјаху, израелските медиуми.
Според медиумските извештаи, Хамас преместил неколку заложници, кои претходно биле држени во тунели, во шатори и куќи за да ја спречи израелската војска да спроведува операции во одредени области.
Нетанјаху рече дека заложниците се чуваат на локации што би можеле да бидат опасни за нив и дополнително изјави дека ова го шокирало и американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп претходно во вторникот го предупреди Хамас дека „ќе мора пеколно да плати“ ако ги користи заложниците како човечки штитови.
Семејствата на заложниците се исклучително загрижени поради израелската копнена офанзива во градот Газа. Тие се плашат за животите на киднапираните и сметаат дека би можеле да бидат искористени како човечки штитови.
Роднините на киднапираните објавија дека имаат намера трајно да останат пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим, спиејќи во шатори. Тие рекоа дека таму ќе има секојдневни протести.
Семејствата на заложниците го обвинуваат израелскиот премиер дека одлучил да ги „жртвува од политички причини“.
Според израелските медиуми, илјадници демонстранти веќе се собрале пред резиденцијата на Нетанјаху во вторник вечерта. Неколку стотици луѓе протестираа и пред неговата канцеларија.
Во Појасот Газа, 48 заложници сè уште се држат и, според израелските информации, се верува дека 20 од нив се сè уште живи.