Уставниот суд не поведе постапка за Правилникот на ДИК
Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да не поведе постапка за Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, донесен на 17 август годинава од Државната изборна комисија.
Подносители на иницијативата до Уставниот суд беа Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов.
Во иницијативата поднесена од Здружението „Светски македонски конгрес”, се наведува дека со донесување на оспорениот Правилник е напрaвена повреда на неколку членови од Изборниот законик и Уставот.
Подносителот тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.
Во иницијативата поднесена од Стевче Стојанов е наведено дека со оспорениот Правилник, ДИК уредила норма за поддршка на кандидатска листа за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник поднесени од „група избирачи” која треба да биде потпишана од најмалку двајца избирачи и со тоа уредување, ДИК излегла надвор од законските рамки и се ставила во улога на законодавач.
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски на седницата рече дека е добро што има дискусија и оти предметот е важен. Смета дека пополнувањето на правни празнини е многу важна тема и во уставното и во регуларното судство и воопшто во правото. Појасни дека кога во околности се укинати некои одредби или поништени одредби, тогаш и право и должност на законадавецот е да ги полни тие правни празнини.
„Што правиме кога правната празнина не ја пополнува законодавецот? Која порака тој ја праќа спрема сите останати? Оваа одлука што денес ќе ја донесе Уставниот суд, како што рече, е многу важна и затоа јас лично се определувам за мериторна одлука. Со тоа Уставниот суд кажува дека кога во услови кога законадавецот не е уставно дисциплиниран, тоа е негова желба или определба, тогаш уставните празнини ќе се попополнуваат и ова е еден од начините на пополнување. Дали има основа ДИК? Има, и тоа како има“, смета Костадиновски.
Судијата Јадранка Дабовиќ - Анастасовска рече дека е убедена дека ДИК не постапувале спротивно закон и Устав., додека судијата Добрила Кацарска смета дека овој Правилник е спротивен на закон и рече дека тој не е објавен во Службен весник.
„Ние не можеме да ги затвориме очиме пред нешто што е незаконито. Станува збор за судии на Уставен суд“, рече Кацарска.
Со Правилникот кој го донесе ДИК, се овозможи само со два потписи од двајца избирачи да бидат потребни за да можат независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.