Јавен обвинител изврши увид по пожарот во Трубарево
Обвинител од Скопското јавно обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по неодамнешниот пожар во Трубарево. Увидот е во однос на настанувањето на пожарот и на складирањето на отпадот на предметната локација. Беше извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, соопштија од обвинителството.
Од обвинителството соопштија дека на местото на пожарот се уште има и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.
Основниот кривичен суд Скопје денеска им го продолжи притворот за нови 48 часа на четворицата опфатени во постапката во врска со пожарот.
Се работи за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и 59-годишник вработен во правно лице.
Пожарот избувна во саботата на 13 септември околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад во Трубарево. Институтот за јавно здравје соопшти дека нема опасни нивоа на тешки метали во почвата и радиокативност во водата. На местото каде гореле батерии има зголемено присуство на бакар и цинк.