Иран ја спречи комеморацијата на Махса Амини на тригодишнина од нејзината смрт
Три години по смртта на Махса Амини, иранските власти сè уште го спречуваат нејзиното семејство да одржи комеморација за 22-годишната девојка која почина додека беше во притвор на полицијата за морал во Техеран поради наводно кршење на законот за носење хиџаб на глава.
Извор близок до семејството, за Радио Фарда изјави дека нејзиниот татко, Амџад Амини, денеска (16 септември) бил повикан од разузнавачките службеници во Сагез, во иранската покраина Курдистан и бил предупреден да не презема никакви мерки за одбележување на настанот.
Аматерските видеа објавени на интернет покажаа дека продавниците во Сагез се затворени на 16 септември во она што беше опишано како штрајк на локалните дуќанџии за одбележување на годишнината.
Изворот, кој побара анонимност, рече дека безбедносните сили се стационирани пред домот на семејството во Сагез од 14 септември и ги следат нивните движења.
Според изворот, безбедносните сили, исто така, го блокирале пристапот до гробиштата Аичи - каде што е погребана Амини - за да ги спречат посетителите да стигнат до нејзиниот гроб. Исто така на семејството му беше забрането да го посети местото.
Извори од Радио Фарда додадоа дека властите ги блокирале пристапните патишта до гробиштата со испуштање вода од браната Чераг Веис во коритото на реката Сакез.
Слични мерки беа преземени минатата година на втората годишнина од смртта на Амини, што предизвика национални протести низ целиот Иран. За време на тие демонстрации, жените ги симнаа шамиите, а многумина извикуваа слогани против свештеничкиот естаблишмент, вклучувајќи го и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Властите одговорија со насилно задушување, при што загинаа повеќе од 500 луѓе и беа уапсени повеќе од 20000.
Хјуман рајтс воч во соопштението по повод годишнината изјави дека властите не успеале да спроведат ефикасни, непристрасни и независни истраги за сериозни кршења на човековите права и злосторства според меѓународното право за време и по протестите „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.
Групата за човекови права додаде дека третата годишнина од протестите е „остар потсетник за засегнатите влади да бараат кривична одговорност и други патишта за правда за жртвите и нивните семејства“.
„Жртвите и нивните семејства кои претрпеле брутално насилство од рацете на иранските власти немаат изгледи за правда, бидејќи оние кои треба да достават надомест на штета се самите вмешани во прекршувања и злосторства и ги штитат другите одговорни од одговорност“, порача Бахар Саба, виш истражувач за Иран во Хјуман рајтс воч.