Ново обвинение за Мерко за злоупотреби при осветлувањето на Црн Дрим
Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе обвинителен предлог против струшкиот градоначалник Рамис Мерко.
Тој е осомничен дека од 1 април 2021 година до 27 јуни 2022 година како градоначалник ги пречекорил службените овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката“, соопшти Јавното обвинителство.
За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга.
Во јуни 2023 година, градоначалникот Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД, а како причина за одлуката беше наведена негова вмешаност во корупција, мешање во судски и други јавни постапки, со што ја наришил довербата во демократските институции на Северна Македонија.
Во јуни годинава, Мерко доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за наводна злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра.
Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции, како и за поставување на спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.