Министерство за животна средина: Нема надминување на ПМ 10 во Трубарево
Министерството за животна средина тврди дека испитувањата на воздухот покажале нема загаденост ПМ 10 честички во Трубарево каде на 13 септември избувна пожар во простории на фабрика за електричен и електронски отпад на фирмата Ф Групација.
„Според добиените резултати, просечните концентрации на ПМ 10 честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности“, велат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека резултатите покажале дека просечната концентрација на овие честички е 9,8 микрограми на кубен метар, максималната измерена била 43,3, додека моменталната вредност е 8,2 микрограми на кубен метар.
Резултатите се за мерења направи во период од 24 часа односно од 11 часот на 18 септември до 11 часот на 19 септември.
Од Министерството велат дека ќе продолжат со редовно следење на квалитетот на воздухот.
Претходно од овој ресор тврдеа и оти нема загадување со тешки метали на водата и почвата, како и дека нема радиоактивност.
Причините за пожарот во Трубарево сè уште не се познати. Увидот на лице место беше направен на 17 септември, а истрагата треба да одговори од што настанал пожарот.