Ле Риголер: Не ги сфаќајте реформите како обврска, туку како нешто од кое ќе имате корист
Реформите што ги бара ЕУ не треба да се сфатат како ограничувачки, ниту пак треба да се сметаат како обврска која треба да се спроведе зашто ЕУ го бара тоа, туку треба да се сфтатат како нешто што е добро и позитивно за земјата и од што бенефит ќе имаат сите граѓани, изјави денеска (19 септември)францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за јавна администрација (МЈА), Ле Риголер напомена дека Франција одблиску го следи спроведувањето на реформите во земјава.
Сепак, тој не сакаше да даде оценка за тоа каква е моменталната состојба во земјава и дали има реални шанси за напредок кон Европската Унија.
Наместо тоа, тој порача да се причека Извештајот од Европската комисија за напредокот што треба да биде објавен наскоро.
„Одблиску го следиме спроведувањето на реформите. Набрзо ќе биде издаден Извештајот од Европската комисија за напредокот на сите држави кандидати за влез во ЕУ, вклучително и за земјава. Да почекаме да го погледнеме, да видиме што ќе содржи“, рече францускиот амбасадор.
Реформата во јавната администрација е еден од условите кои се бараат од нашата земја, како кандидат за членство во ЕУ. Во минатите европски извештаи, токму администрацијата беше критикувана поради партизираност и неефикасност.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека „завршило времето кога администрацијата беше сведена на политички плен и вети дека таа ќе се трансформира во професионален и ефикасен сервис за граѓаните.