Филипче бара оставки поради труењето во Трубарево, ВМРО-ДПМНЕ со контраобвинувања
По пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на компанијата „Ф Групација“ во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени високи количини на тешки метали и ПМ 10 честички, покажаа податоците на Министерството за животна средина.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „се потврдило труењето во Трубарево“ и ја обвини Владата за, како што рече, лаги и задоцнета реакција.
Тој побара оставки од министрите за внатрешни работи и здравство, како и од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, а од обвинителството – итна истрага.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден и не презеде итни мерки за заштита на граѓаните. Властите се директно одговорни за труењето на луѓето“, изјави Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со критики, обвинувајќи го Филипче за „лажна загриженост“.
„Наместо да глуми грижа, Филипче треба да им се извини на граѓаните за хаосот во здравствениот систем во негово време, за жртвите во корона кризата, недостатокот на медицинска опрема и пожарот во модуларната болница“, соопштија од партијата.
Мерењата направени на 13 и 14 септември регистрирале значително надминување на дозволените граници:
ПМ 10 честички изнесувале 92,65 микрограми на кубен метар (границата е 50), олово било 0,75 (граница 0,5), кадиум 59,1 нанограми (граница 5) и арсен 8,9 (граница 6). Единствено никелот бил во рамките на дозволеното. Според поновите мерења од 18 и 19 септември, состојбата на воздухот е стабилизирана.