Мицкоски - Владата подготвува мерки за високите цени на храната
Во тек е креирањето на нови мерки со кои Владата ќе се обиде да им излезе во пресрет на граѓаните поради високите цени на прехранбените производи во маркетите.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека институциите веќе делуваат на терен.
„Мерките се во тек, а тоа што не правиме естрада од политиките што ги водиме не значи дека не се грижиме. Секојдневно Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција се на терен, дури има одредени постапки што се почнати и покренати,“ рече Мицкоски.
Тој одговараше на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на Дом за стари лица во Зрновци.
Тој потсети дека пред почетокот на учебната година беше воведена т.н. „училишна кошничка“ со која се намалија цените на голем дел од производите што ги користат учениците.
Мерката позната како „Училишна кошница“ беше воведена на 15 август годинава и траеше до 15 септември. Таа се однесуваше на одлука за посебни услови за трговијата со одредени производи, при што сите трговци на мало и големо кои продаваат училиштен прибор беа опфатени со обврска да понудат намалени цени.
Според Министерството за економија и труд, мерката имаше цел да им помогне на семејствата пред почетокот на учебната година, со тоа што се намалија цените на дел од основните производи за учениците. Според проценките, со нејзината примена домаќинствата заштедија од 800 до 2.000 денари по ученик.