Политичарите испратија божиќни честитки до граѓаните
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и собранискиот претседател Африм Гаши упатија божиќни честитки до православните граѓани кои го прославуваат празникот. Христијанските верници денеска го одбележуваат големиот празник Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, кој се смета за симбол на мирот, љубовта и надежта.
„Кога денеска постојано слушаме Христос се роди, навистина се роди, тоа не е само обична изјава, туку тоа е едно длабоко потсетување за себе, за најблиските, за државата, за христијаните дека оваа изјава има длабока тежина и големо значење. Значи дека треба да се потсетиме на она што го означува, а означува подготвеност и способност и желба човечкото во себе да го разбудиме, а човечкото е секогаш врзано за светлина, за добрина, за надеж или ако можеби уште подобро може да се објасни божественото во нас да го разбудиме“, изјави Сиљановска-Давкова која денеска присуствуваше на божикната литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“.
Премиерот денешниот празник го честиташе и преку објава на социјалните мрежи, во која наведе дека Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите и ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно – семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит.
„Божиќ нè потсетува дека силата на едно општество започнува во домот, дека стабилната држава се гради врз здрави семејства и дека иднината ја чуваме преку грижата за најмладите“, се вели во честитката на премиерот Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката по повод православниот Божиќ истакна дека овој празник е можност да се нагласи значењето на меѓусебното почитување, соживотот и општествената хармонија како темелни вредности на институционалната и демократската стабилност на државата.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче упати честитка посакувајќи им на верниците мирни и весели празници.
„Посакувам денот да помине мирно, а во мирот во овие турбулентни времиња ни е тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме, да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, изјави лидерот на СДСМ.
