„Безбеден град“ в недела ќе се тестира во Тетово
Во Тетово утре ќе се тестира проектот „Безбеден град“ во чии рамки ќе се спроведуваат активности за калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор, соопшти Секторот за внатрешни работи (СВР) - Тетово.
Поради тоа на локациите каде има камери привремено ќе биде запиран сообраќајот.
- Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, соопшти СВР Тетово.
Тестирањето на камерите ќе биде од 8 часот до 20 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе трае од 15 минути до 30 минути.
Главните аргументи на власта за овој проект се подигање на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајки и жртви. Опозициските СДСМ и ДУИ не дадоа поддршка за законските измени за да стартува овој проект кои владејачкото мнозинство ги изгласа со 81 глас „за“ на седница на Собранието оддржана во петокот, 23 јануари.
Покрај за трите града – Скопје, Куманово и Тетово, опрема за „Безбеден град“ е поставена и во првичната фаза треба да почне да се имплементира и на коридорите 8 и 10.
Санкционирањето на почеток, како што е познато, ќе биде за четири сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација.
Во записникот што го добиваат граѓаните преку линк добиен на СМС и електронска адреса (што ја оставил сопственикот при регистрација) пишува кој прекршок, кога и каде е направен, како и казната што треба да се плати.
Казната ќе може да се плати електронски, во пошта и во банка.
Ако сопственикот на возилото ја прифаќа во рок од осум дена ќе може да плати половина од казната.
