Обвинителството отвори предистрага за дивоградбите во Охрид
Охридските обвинители ги проверуваат наодите на државниот ревизор за работењето на општинските власти. Од Обвинителството соопштија на 28 јануари дека започната предистрага во декември кога Државниот завод за ревизија им го доставил ревизорскиот извештај за Општина Охрид.
Во него се констатирани сериозни неправилности во работењето на општината, поврзани со бесправна градба, финансиско управување и непочитување на законската регулатива.
Наодите укажуваат на системски пропусти, недостаток на контрола и можни основи за кривична одговорност, поради што обвинителството започнало предистражна постапка.
„Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, велат од ОЈО.
Ревизорите утврдиле дека над 4.000 објекти, меѓу кои и хотели и куќи се дивоградби. поголемиот дел од нов се изградени во крајбрежејето, а дел во заштитените подрачја на на Националниот парк Галичица.
Ревизијата открила дека Општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, не презела мерки за отстранување на бесправните објекти, а урбаната опрема се поставувала без дозволи и платени такси. Според ДЗР, субвенциите за јавните претпријатија од 36,5 милиони денари биле доделувани без програма и без согласност од Советот.
„Од извршениот теренски увид во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е уплатен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење“, се вели во ревизорскиот извештај.
Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков во изјава за Дојче Веле признава дека дивоградбите се еден од најголемите предизвици за општината.
„Во последниот период по двапати годишно распишувавме тендери за отстранување дивоградби, но неуспешно. Ниту една фирма не се пријавува. Сите дивоградби се внесени во регистарот, што е препорака на УНЕСКО, и по тоа е постапено“, изјавил Пецаков.
Според него проблемот не е само локален, туку системски, односно дека голем дел од општините имаат ист предизвик.
Охридскиот Регион е под заштита на УНЕСКО, а до 1 февруари Македонија и Албанија треба да достават извештај за мерките за заштита, во спротивно може повторно да се отвори прашањето за ставање на регионот на Листата на светско наследство во опасност.
УНЕСКО го одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на загрозени светски наследства, но под услов Северна Македонија до февруари 2026 година да исполни низа конкретни обврски за заштита на неговите природни и културни вредности.
Амандманот беше поднесен од македонската делегација која побара повлекување на Нацрт-одлука со која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен
Минатата година Комитетот по третпат расправаше за статусот на Охрид, во услови кога 39 граѓански организации од Северна Македонија и Албанија побараа да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност, за како што велат, да се отвори врата за строго дефиниран процес за санација под постојан надзор на УНЕСКО.
