Молдавија осуди три лица поврзани со обуките во Србија и БиХ
Суд во Кишињев осуди три лица за учество во организирана криминална група која подготвувала насилни масовни немири во Молдавија во 2024 година и организирала обуки во Србија и Босна и Херцеговина (БиХ).
Според обвинението, обуките биле организирани и водени од лица од Русија во соработка со молдавски државјани, а целта била да се предизвикаат немири во Молдавија, пред претседателските избори и референдумот за пристапување кон Европската Унија во 2024 година.
Информациите за „руските кампови“ во Босна и Херцеговина се појавија во октомври 2024 година. Во тоа време, молдавските безбедносни агенции изјавија дека идентификувале повеќе од сто млади луѓе кои наводно биле обучени во Русија, Босна и Херцеговина и Србија, за да ја дестабилизираат земјата.
На 6 февруари, судот во молдавскиот главен град ги осуди Алиона Готцо и Људмила Костенцо на четири години и еден месец затвор, додека Владимир Харчевников беше осуден на пет години и четири месеци затвор.
Пресудата беше изречена во прв степен, а обвинетите не присуствуваа на изрекувањето. Судот им одреди притвор, а тие имаат право да поднесат жалба на пресудата.
Во пресудата се наведува дека обвинетите дејствувале како дел од стабилна криминална структура, координирана од Русија, со јасно поделени улоги.
Нивните активности, според судот, вклучувале регрутирање нови членови, логистичка поддршка, набавка на опрема, како и обука за насилни и дестабилизирачки дејствија.
Посебен дел од пресудата се однесува на обуки кои, според наодите на судот, се одржувале надвор од територијата на Молдавија, првенствено во Босна и Херцеговина и Србија.
Судот наведува дека обвинетите неколку пати ја посетиле Босна и Херцеговина, вклучувајќи ја и областа Гламочани, каде што учествувале во теоретска и практична обука.
Според пресудата, обуките вклучувале управување и напредна употреба на беспилотни летала FPV, нивно поврзување со командните центри, воздушно извидување во рамките на напаѓачките групи, како и симулации на фрлање експлозивни направи со употреба на беспилотни летала.
Дополнително, во пресудата се наведува дека обуките вклучувале и тактики на предизвикување паника и хаос, методи на пробивање на полициски кордони, саботажи и субверзивни активности, како и подготовка на запаливи и експлозивни направи.
Судот забележува дека овие активности биле директно поврзани со плановите за организирање насилни немири во Молдавија.
Србија е наведена во судскиот документ како една од локациите на престој и обука, но и како транзитна земја на патот на обвинетите кон Босна и Херцеговина.
Во пресудата се наведува дека координаторот на групата престојувал во Русија, од каде што им давал инструкции на членовите, додека обуките и практичните активности се одвивале во Босна и Херцеговина и Србија.
Според наодите на судот, обвинетите патувале по рутата Молдавија – Србија – Босна и Херцеговина, а за време на истрагата се пронајдени материјални докази што укажуваат на нивниот престој во двете земји.
Меѓу нив се банкноти од Србија и Босна и Херцеговина, СИМ-картички, телекомуникациска опрема, како и дигитални записи создадени за време на нивниот престој во камповите за обука.
Судот, исто така, во пресудата наведе дека за време на претресот, кај обвинетите се пронајдени делови за беспилотни летала, VR очила, далечински управувачи, батерии, мемориски уреди и дигитални материјали, кои, според судот, документираат обуки и планирани активности.
Дигиталните записи вклучуваат фотографии и видеа создадени за време на обуките, како и упатства за ракување со беспилотни летала и подготовка на запаливи и експлозивни направи.
Обвинетите ја негираа вината за време на судењето, тврдејќи дека не биле свесни за криминалната природа на активностите во кои учествувале и дека ги сметале своитео странство за приватни или професионални ангажмани.
Сепак, судот не ја прифати ваквата одбрана, заклучувајќи дека собраните докази укажуваат на постоење на јасна намера и координација во рамките на криминалната група.
Поднесени нови обвиненијаДодека судењето за оваа група беше во тек, молдавското обвинителство поднесе обвинение против уште неколку лица поврзани со обуките за немири.
Исто така, на 26 септември минатата година, полицијата во Србија уапси две лица обвинети за организирање борбено-тактички обуки за молдавски и романски државјани, чија цел била предизвикување немири во Молдавија.
Апсењата се случија откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени кампови во Србија, наведувајќи дека тие се организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија.
На почетокот на декември 2025 година, Молдавија изврши околу 50 претреси на неколку локации во земјата и пронајде докази дека организирана група, која претходно се обучувала во камп во Србија, е осомничена за планирање на предизвикување немири во Молдавија.
