Обвинувања меѓу претседателот на ССМ и ВМРО-ДПМНЕ пред утрешната блокада за повисоки плати
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре напладне ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата на Македонија затоа што одбиваат да ја зголемат минималната плата на 600 евра и останатите плати за по сто евра, како што бара синдикатот.
Тоа е втора фаза од блокадите на институциите откако ССМ на 10 февруари го блокираше Собранието, а за 17 февруари најави блокада и на Владата.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, на прес-конференција на 11 февраури рече дека власта сака да го заплаши со објавување снимки од неговото семејство и побара институциите да реагираат.
Неговата реакција следува откако Дафина Стојановска, пратеничка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, објави снимка во која се и двете малолетни деца на Трендафилов а во описот стои: „Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски.“
Видеото е објавено за време на блокадата на Собранието на 10 февруари, организирана од ССМ. На видеото, чиј линк го сподели Стојаноска, се гледа како Трендафилов и неговите две деца влегуваат во возило.
Трендафилов бара да ѝ се одземе имунитетот на пратеничката и кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција во која бара оставка од претседателот на ССМ и бара одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели.
„Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост. Јавно го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес“, пишува во реакцијата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Сојузот на синдикати продолжува со блокадите и по договорот од минатата недела меѓу Владата и синдикални претставници на УПОЗ, а со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година.
Нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40 отсто од тековната сума.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека протестите се „политички мотивирани“ и рече дека Владата останува на ставот да го поддржи секое решение за кое ќе се договорат работниците и работодавачите.
Додека траат синдикалните протести, Сојузот на синдикати поднесе иницијатива до Собранието да се намалат платите на функционерите. По таа иницијатива досега не се одлучува.
