Руски научник: ништо чудно не се случи на Антарктикот
Началникот на Руската антарктичка експедиција (РАЕ) и заменик-директор на Арктичкиот и Антарктичкиот научно-истражувачки институт (ААНИИ) Валериј Лукин не смета дека одвојувањето на сантата мраз од ледениот гребен „Ларсен“ е значаен настан.
„Јас специјално проверив во научната литература. Можам да кажам дека оваа санта мраз не е најџиновската во историјата, како што им се чини на некои“, изјави Лукин за „Известија“. На пример, на почетокот на 80-те години на американски мразокршач откри во морето Рос санта мраз со димензии 396 км на 111 км, така што нејзината површина изнесуваше околу 40 илјади квадратни километри. А плоштината на сантата мраз која неодамна се одвои, според нашите британски колеги, изнесува околу 6 илјади квадратни километри. Така што сите стравови и гласини по тој повод се во голема мера претерани. Околу Антарктикот постојано се забележуваат неколку големи, па дури и џиновски санти мраз, но тоа не влијае на ништо“.
Како ќе влијае топењето на мразот на Русија?
Лукин, исто така, отрфла дека актуелниот настан има врска со глобалното затоплување.
„Во свое време познатиот руски научник Михаил Ломоносов напиша трактат за ледените планини кои пливаат во јужниот океан. Дури и нему му бил познат овој факт. Но, никој не вели дека последиците од глобалното затоплување се чувствувале во XVIII век“, објаснува научникот.
Лукин инсистира дека ништо чудно не се случило. А неверојатно би било ако ледени гребени престанат да се одвојуваат од континентот, чија површина е 99% од мраз. „Глечерот ќе продолжи постепено да се лизга во океанот, како и претходно ќе продолжат да се формираат мали, големи, а понекогаш и огромни санти мраз“, вели тој.
Една од најголемите во историјата санти мраз се открши од ледениот гребен „Ларсен Ц“ на југозападот на Антарктикот. Тежината на сантата мраз изнесува 1 трилион тони, дебелината 200 м, а површината 6 илјади квадратни километри, што е еквивалентно на површината на 2,5 мегалополиси како Москва.