Бројот на загинати во поплавите во Шпанија се искачи на најмалку 158
Тимовите за итни случаи со помош на беспилотни летала продолжуваат да трагаат по исчезнатите, додека повеќе од илјада припадници на армијата во Валенсија - најтешко погодената област - помагаат во акциите, пренесува новинската агенција АФП.
„Наш приоритет е да ги најдеме жртвите и исчезнатите за да можеме да помогнеме да се стави крај на страдањата на нивните семејства“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез во четвртокот по состанокот со регионалните служби и официјални лица во Валенсија.
Прогласена е тридневна жалост.
Локалните власти објавија дека судската палата во регионалната престолнина е претворена во привремена мртовечница.
Градоначалничката на Паипорта, Марибел Албалат, изјави дека десетици луѓе се убиени во градот со 25.000 жители во близина на Валенсија.
„Најдовме многу постари луѓе во центарот на градот. Имаше и многу луѓе кои почнаа да вадат автомобили од своите гаражи... тоа беше вистинска замка“, изјави таа за државната телевизија РТВЕ.
Силното невреме ги изненади регионалните власти, а Националниот институт за хидрометеорологија објави дека во градот Чива во регионот на Валенсија за осум часа паднал повеќе дожд отколку во последните 20 месеци заедно.
На видеата објавени од спасувачките служби се гледаат цели улици под вода, луѓе заробени на покриви и автомобили превртени и натрупани од поплавата.
Се проценува дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот во Валенсија, додека околу 5.000 возила се блокирани поради надојдената вода, објави ЕФЕ.
Регионалната влада на Валенсија беше критикувана што претходно во вторникот не испрати предупредувања до мобилните телефони на граѓаните, кога веќе започнаа поплави во некои области и долго откако Националниот метеоролошки институт издаде црвен метеоролошки аларм.
Андреу Салом, градоначалник на Валенсијанското село Л'Алкудија, изјави за РТВЕ дека неговиот град изгубил најмалку двајца жители, ќерка и нејзината постара мајка кои живееле заедно, и дека полицијата сè уште трага по исчезнат возач на камион. Тој се пожали и дека тој и неговите сограѓани немаат предупредување за катастрофата што се случи кога реката Магро излеа од коритата во вторникот вечерта.