Германија ја повика Србија да ги разгледа нацрт-законите за Косово
Со објавa на мрежата Х, Германија се приклучи на ставот на САД и Европската унија (ЕУ) дека Владата на Србија ги прекршила обврските од бриселскиот дијалог со усвојувањето на овие предлог-закони, кои се очекува да се изгласаат во Собранието.
„Ги повикуваме Србија и Косово да го спроведат Охридскиот договор без одлoжување, вклучително и Заедницата на општини со српско мнозинство“, објави германското министерство денеска (1 ноември).
Владата на Србија на почетокот на неделата соопшти дека го усвоила Предлог-законот за, како што ја нарече, организацијата и надлежноста на српските правосудни органи во гонењето на кривични дела извршени на територијата на Косово, како и вториот Предлог-закон за прогласување на Косово за „област на специјална социјална заштита“.
Во текот на неделата овие закони беа критикувани од САД и ЕУ, кои едногласно рекоа дека со нив очигледно се прекршуваат обврските на Србија од бриселскиот дијалог со Косово за нормализација на односите.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, ја обвини Србија дека со овие предлог закони ги прекршува договорите и го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.
Но, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, ги правдаше предлог-законите велејќи дека тие доаѓаат како одговор на, како што рече, „угнетувањето на српскиот народ од режимот во Приштина и недостатокот на видливи акции на мисијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС“.
Косово и Србија постигнаа договор за правосудството во 2015 и 2017 година и се договорија за негово спроведување и интеграција на косовските Срби во судските институции на Косово.
Сепак, стотици припадници на српската заедница на северот поднесоа оставки од косовските институции, вклучително општините, полицијата, судовите и обвинителството, во ноември 2022 година, како знак на незадоволство од некои одлуки на Владата на Косово.
Во текот на оваа година, владата на Косово презеде неколку чекори - како што се отстранување на српскиот динар од употреба и затворање на српските паралелни структури - во обид да ги прошири своите овластувања на север што е можно повеќе.
Ова го натера официјален Белград во септември да објави дека ќе формира специјално обвинителство за територијата на Косово, како мерка за заштита на „виталните национални интереси на српскиот народ“ на Косово.
Во меѓувреме, српскиот претседател, Александар Вучиќ, претходно оваа недела претстави некои мерки за Косово, велејќи дека специјалното обвинителство и специјалните судски панели „ќе го гонат секој што учествува во прогонот на српското население“ на Косово.
Нацрт-законот што го подготви Владата на Србија предвидува судење за сите кривични дела предвидени во Кривичниот законик на оваа земја, а кои беа сторени по прогласувањето на независноста на Косово во февруари 2008 година.