Хирурзи во „8-ми Септември“ најавуваат протест од понеделник
Хирурзите реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.
„Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата за да се постигне поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, велат хирурзите во писмото.
Болницата е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата. Лекарите велат дека владее незадоволство од лошата организираност на работата.
Директорот Христијан Костов преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид-одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид.
„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни заради болест, нивниот ангажман во ковид-одделенијата, редуцираниот број хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид-позитивни пациенти во кои е потребен поголем број на медицински персонал, согласно препораките на Министерството за здравство, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури)“, се вели во соопштението од Костов.
Во врска со незадоволството на хирурзите во Градската општа болница „8 Септември“, министерот Филипче во гостувањето на Канал 5 изјави дека намален бил обемот на работа во сите јавни здравствени установи вклучувајќи ја и таа болница, заради тоа што голем дел од кадарот бил во систем на ротација се третираат пациенти со Ковид-19.
Тој посочи дека разговарал со директорот на ГОБ „Септември“ и дека ги искомуницирале лекарите кај кои има незадоволство заради начинот на работа.
„Дефинитивно има механизми сето тоа да се измени. Во текот на денешниот ден ги очекувам на состанок за да ги решиме сите проблеми. Верувам дека сето тоа ќе се реши и нзадоволството ќе спласне“, изјави Филипче.