Ѓукановиќ - Црна Гора нема да го повлече законот за слобода на вероисповест
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ порача дека законот за слободата на вероисповеста нема да се повлече, и покрај бројните литии и протести кои деновиве се одржуваат во Србија. Во интервју за Танјуг тој оцени дека „масовните протести ги смета суштински за политички, иако „облечени“ во црковна облека, со нагласен просрпски карактер, кои не можат да ја загрозат власта, ниту политиката што ја води власта.“
„Ако мислевме дека законот треба да се повлече, ние сигурно немаше да го донесеме“, кажа Ѓукановиќ, додавајќи дека црногорската Влада ја повика СПЦ на дијалог „да разговараме како да се спроведе законот“.
Тој посочи дека во врска со законот има многу манипулации, а основна е таа дека овој закон ја легитимирал намерата на државата да го заплени имотот на СПЦ во Црна Гора.
„Тоа е брутална измислица и замена на тезите“, оцени Ѓукановиќ, наведувајќи дека имотот на СПЦ е всушност сопственост на државата Црна Гора и дека е узурпиран од 1986 до 2000 година, што е потврдено со „историски факти“.
Законот, додаде тој, нема да ја загрози верската слобода на српскиот народ во Црна Гора, ниту ќе им го одземе правото на користење на црквите и манастирите, кои и досега ги користеше Српската православна црква.
Ѓукановиќ е убеден дека обновувањето на автокефалноста на Црногорската православна црква ќе придонесе за надминување на недоразбирањата и расколите во православното битие на Црна Гора.