Заев: Сите да ги почитуваме мерките, заканата да ја пребродиме побрзо
Лидерот на СДСМ Зоран Заев на неговиот официјален профил на Фејсбук информираше дека резултатот од извршениот тест за КОВИД-19 е негативен. Тоа пред него го соопшти и министерот за здравство Венко Филипче.
„Согласно утврдените протоколи останувам во самоизолација онолку колку што е потребно. Им благодарам на граѓаните, на сите, за поддршката што денеска стигнуваше од целата држава, но и од странство. На уредникот на Канал 5 Гоце Михајлоски му посакувам брзо закрепнување, нему и на неговото семејство“, напиша Заев.
Мицкоски и Заев во изолација, новинарот Михајловски хоспитализиран
Тој упатува и поддршка до новинарите и медиумските работници кои, како што наведува, во овој период се изложени на ризик вршејќи ја својата работа за навремено и точно информирање на јавноста што е од огромно значење.
„Граѓаните, сите ние мора да ги почитуваме мерките и задолженијата. Да седиме дома, да ја зголемиме личната хигиена и да ги намалиме физичките контакти. Само така оваа закана ќе ја пребродиме и полесно и побрзо. Зависи од сите нас. Чувајте се и следете ги препораките“, пишува на крајот Заев.
Филипче: Тестот на Заев негативен на коронавирус
Филипче посочи дека Заев ќе биде во самоизолација во времетраење од седум дена, со оглед на тоа што периодот на инкубација е 14 дена, а тој со Михајловски имал средба пред една недела.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски исто така е во самоизолација и негативен на коронавирусот, откако се обелодени дека заболен е Михајловски кој ги интервјуираше двајцата лидери.