Професорите Фридман и Линдсет добитници на Рациновото признание
Американскиот професор д-р Виктор Фридман и неговиот фински колега д-р Јоуко Сакари Линдсет, се годинашни добитници на почесното Рациново признание за афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевност и култура во странство, соопшти велешкиот градоначалник Аце Коцевски во името на Организациониот одбор на манифестацијата, која годинава се доделува по 57. пат, но за првпат во нов термин, септември-октомври.
Конкурсот за доделување на Рациновото признание ќе биде објавен пред 13 јуни, денот на убиството на Коста Рацин.
„Сигурен сум дека токму сега, кога некои ни го оспоруваат македонскиот јазик, со двајцата великани добитници на Рациновото признание кои искрено се посветени на афирмација на македонскиот јазик и литература, во јавноста силно ќе одекна веста за меѓународната поддршка на македонскиот јазик и култура“, рече Коцевски.
Д-р Фридман е меѓу најреномираните светски лингвисти, македонист и славист, редовен професор по славистика и балканистика на Универзитетот во Чикаго и афирматор на македонскиот јазик ,лингвистика и македонистика во целина, како во САД, така и во светот. Д-р Линдстет е професор по филологија на Универзитетот во Хелсинки од 1986, учесник во проектот „Денешната лингвистичка мапа на западниот дел од Регионот Виа Игнација”, раководител и главен истражувач на проектот „Кониковско евангелие“.
„Во услови на пандемија, сите учесници едногласно се сложивме дека одржувањето на Меѓународната културна манифестација ‘Рацинови средби’ во 2020 треба да се помести за периодот од крајот на септември до евентуално крајот на октомври. Неизбежна е потребата од поинаква организација на ‘Рациновите средби’, но од друга страна е и можност за нивно модернизирање, осовременување и програмско збогатување“ , рече Коцевски.