СЗО – Ситуацијата со пандемијата во САД е шокантна
Светската здравствена организација (СЗО) оцени дека епидемиолошката ситуација во САД е шокантна, земајќи го предвид нивото на здравствениот систем. Директорот на одделот за вонредни ситуации во СЗО, Мајк Рајан, рече дека една третина од заболените во светот се во САД, пренесува Гласот на Америка.
„Епидемијата во САД е немилосрдна, секаде е раширена. Искрено, шокантен е податокот дека секоја минута во Америка умира еден или двајца луѓе, а зборуваме за земја со силен здравствен систем и невидени технолошки капацитети“, рече тој.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека допрва треба да стапи во контакт со транзицискиот тим на избраниот претседател Џозеф Бајден, кој истакна дека сака да ја промени одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп САД да излезат од СЗО.
Водечкиот американски инфектолог Ентони Фаучи предупреди дека ќе се случи „бран преку бран“ ако Американците продолжат со патувањата за време на празниците.
„Ако не ги почитуваме препораките можно е ситуацијата да биде многу лоша на средината на јануари. Не само во Њујорк, туку и во сите други градови“, рече Фаучи на заедничката прес-конференција со гувернерот на државата Њујорк Ендру Куомо.
Милиони Американци патуваа за Денот на благодарноста, и покрај препораките да останат дома и да го прослават празникот со оние со кои живеат. Поради тоа, бројот на заразени е во пораст, а се очекува ситуацијата дополнително да се влоши кога Американците ќе почнат да се собираат за Ханука или за Божиќ, пишува Гласот на Америка.
Некои сојузни држави, како Калифорнија, каде што има и по 30 илјади новозаразени дневно, воведоа нови рестрикции и затворања.